Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Кирил Глигоров - Иван Михајлов

Кирил му ја отсече главата на македонското предавство таму, кадешто тоа се сметаше наполно спокојно - во прегратките на Србите; тој го спаси својот народ од срамот и за тоа, макар да беше најмладиот меѓу хероите, коишто ВМРО ги исфрли во последните години, неговото име е изговарано од секој Македонец со длабоко почитување.

Подвигот на Кирил е поврзан со ренегатот Стојан Мишев, кој, како водач на разбојничкото "удружение против бугарских комита", издржувано од српските власти во Македонија, беше добил неограничена власт, за да го денационализира населението на штипската област, исползувајќи ги за таа цел средствата на една бескрајна нечовечност. Оваа појава ја вознемири душата на Македонија и навреди нејзината гордост. Така Стојан Мишев израсна во очите на нашиот народ како чуен предавник, а неговиот екзекутор уште предвреме почна да се оцртува како храбар и голем. Народот знае, дека секое зло неминовно ќе биде победено; прашањето е само на време. Спасителот дојде и тој беше Кирил Григоров. Неговиот храбар удар ги зачуди и восхити сите. Но за него самиот тоа беше мошне лесна работа: Кирил беше решил да умре и со тоа сите пречки беа совладани. "Ми се чини, дека и пет души да се, ќе ги кутнам еден по друг", шептеше насмевнат нашиот херој. Овие зборови биле земени на шега, ако се судеше по надворешноста на Кирил. Невиниот, кроток поглед, милата постојана насмевка и целото негово младешко држење потсетуваа побргу на неоформената воља на дете, кое што оставено само на себеси, одвај би можело да се справи дури и со една многу обична животна грижа. Всушност, тој поседуваше редок карактер.

Неколку пати во текот на 1924 год. Кирил молеше еден свој сограѓанин да биде прифатен во револуционерната организација и да му се довери ризична мисија. Неговата желба најпосле беше задоволена. Кирил Григоров стапува како прислужник во едно кафеанче во Штип, што се наоѓаше близу до домот на Стојан Мишев; и татковата куќа на Кирил беше исто така во соседство со живеалиштето на Мишев.

Протекуваат два и пол месеци, во кои што Кирил е цел под напнатоста на својата замисла, но продолжува успешно да му служи на својот господар во кафеаната. Во редовите, коишто ги напиша во тоа време до својот другар, дишеше вера и решителност. На 30 декември 1924 год., околу 12 ч. напладне, Стојан Мишев беше кутнат со неколку куршуми и умре моментално. Впечатокот од убиството беше огромен; страшна тревога ги обзеде српските власти. По сите правци се растрчаа полицајци и војска, но Кирил успешно го напушти градот. За несреќа, по неколку дена /8.1.1925 г./ тој неочекувано се испречува пред окото на еден мизерен шпион. Во село Костин дол, Кочанско, Стоил Шанкев го пријавил на српските стражари кои беа таму. Вооружувањето на Кирил се состоело само од еден револвер. Заобиколен од стражарите, тој го свртува револверот кон нив и ги истрелува сите патрони. Предавајќи му се на полицајците, им соопштува, дека тој е атентаторот на Стојан Мишев. Беше испратен во штипскиот затвор, окован во пранги и подложен на жестоки мачења. Така помина осум месеци, лишен од секаква врска со пријателите. Меѓутоа, спокојството и бодроста, не го напуштаат ниту за момент. Откако беше веќе осуден на смрт, тој изработува во затворот едни скромни белешки и успеа да ги препрати за спомен на својот другар, кого што го имаше замолено да биде прифатен во организацијата и да му се довери ризична задача. Таа на изглед невина состојба красноречиво зборува за духот на Кирил, и главно за неговата вера во народната борба, којашто ќе триумфира над сите непријатели. Додека беше затворен, уште Кирил може да научи, дека и неговиот предавник Стоил Шанкев е екзекутиран од ВМРО пред неговиот сопствен дом, во с.Костин дол.

Една одлика се фрлаше во очите кај Кирил – неговата спокојна упорност. Ако тој си имаше мислење за нешто и некој се обидеше да го разубеди, тој немаше да спори со него, ниту да се лути; само ќе го погледне насмевнат, но непоколеблив, како да му кажува, дека залудно си го губи времето да го разубедува. Таа негова особеност ја запаметиле и неговите другари, како карактеристична уште од неговото детство. Поврзана со неговата ретка смелост и кристалниот идеализам, оваа одлика задржала на неговите усни чудна насмевка и во мигот, кога на 30 август 1925 г. српските палачи ги насочија цевките на своите пушки против неговите кревки гради.

Неговите лични способности и духовната сила на македонската кауза му помогнаа на Кирил Григоров да го изврши својот подвиг, а плотунот на палачите заврши во лицето на 21 годишниот младич, во образот не само на геројот, туку и на светиот народен маченик.

В. Слобода или смрт. Револуционерен лист, год. III, бр.55, 3 септември 1927 г., с.2-3.

<<Назад | Почеток

granicnik